Состанок за ненадејна срцева смрт кај младите во Скопје
Во Скопје денеска се одржува Вториот состанок за ненадејна срцева смрт во балканскиот регион (2nd International Meeting Sudden Cardiac Death in the Balkan area), во организација на здружението „Судска медицина“ заедно со Институтот за судска медицина. Настанот се фокусира на значењето на навременото откривање на ризиците и воспоставување на унифицирани протоколи за спречување на ненадејна срцева смрт кај млади лица.
Професор доктор Златко Јаќовски, претседател на здружението „Судска медицина“, рече дека овој настан е важен од причина што ненадејната срцева смрт кај млади луѓе е многу честа појава и најчесто оваа причина за смрт тешко се дијагностицира. Тој додаде дека исто така многу е важно да се направи еден генерален регистар за ненадејна срцева смрт во нашата земја, но, исто така и во регионот со цел да се знае точниот број, самиот причинител и дали има евентуално генетска предиспозиција.
„Тоа е важно затоа што преку еден генетски скрининг, што би се направил кај роднините на покојниот, можат да се спасат и животите на роднини“, нагласи Јаќовски.
Унифициран протокол и бази на податоци
Целта, додаде тој, е да се унифицира протокол што ќе го користат сите балкански земји со цел да се собираат бази на податоци на соодветен начин од клинички преглед, генетички процедури, лабораториски анализи со соодветни судско-медицински протоколи, хистопатолошки наоди, токсиколошки анализи и генетски скрининзи.
„Кај нас се работи по протокол што ги задоволува сите стандарди за добра дијагноза на ненадејна срцева смрт. Заради тоа што ние ги опфаќаме сите медицински форензични параметри што се доволни да се докаже причината за смрт. Работиме на висока технологија со моментално најдобрите реагенси за детекција на ненадејна срцева смрт и целта е и другите држави околу нас во регионот да го следат истиот протокол. Имаме одлична соработка. Имаме супер научници од регионов и во Европа и се надеваме дека за следниве година, две, три, ќе го направиме тој унифициран протокол со што ќе може на соодветен начин да се прибираат тие бази на податоци. Освен што ќе се дијагностицира причина за смрт, исто така, да се спасат животи на роднините на починатиот“, појасни Јаќовски.
Тој додаде дека едукацијата за личното здравје и водењето здрав начин на живот е многу важна.
„Но и едукацијата дека живееме во време на персонализирана медицина, со генетски скрининзи за одредени болести, може да се направи превенција и да се спасат животи“, истакна Јаќовски.
Превенција и значење на правилното истражување
Директорот на Институтот за судска медицина, професор доктор Александар Станков, рече дека ненадејната срцева смрт е една од водечките причини за смрт.
„Со правилна работа, со правилно истражување, може да дојдеме до причините што го предизвикуваат тоа и да превенираме во иднина, да спасиме животи“, подвлече Станков.