Сопругата на пулмологот Зекирија Шаини, кој беше застрелан во центарот на Куманово, е уапсена под сомнение дека е вмешана во обидот за негово убиство. Истрагата открива нова насока – наместо политичка позадина, случајот добива обележја на сериозен личен конфликт со можен криминален мотив.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, А.А. (43) од Тетово е приведена поради сомнение дека има директна поврзаност со нападот врз нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковски регион.
Во рамките на истражните дејства, шест лица биле повикани на информативен разговор во СВР Куманово, а по судска наредба е извршен претрес во домот на Б.С. (50) од Куманово.
Од МВР информираат дека по комплетирање на доказниот материјал, против приведената ќе биде поднесена кривична пријава. Истовремено, се трага по Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи како извршител на нападот и засега е во бегство. По консултација со Основното јавно обвинителство, и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
