Рускиот претседател Владимир Путин наиде на неочекувана реакција од претседателот на Казахстан, кој го критикуваше за инвазијата на Украина и го постави прашањето за правото на народите на сопствена држава.
Рускиот претседател, вчера на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, се обиде да ја оправда својата инвазија на Украина , опишувајќи ја како „легална според меѓународното право“. Но, еден од неговите клучни сојузници, казахстанскиот претседател Касим-Јомарт Токаев, не се согласи со него и му упати јавна критика, пишува Блумберг.
Аргументите на Путин одеа во насока на заштита на луѓето кои зборуваат руски во самопрогласените руски народни републики Доњецк и Луганск во источна Украина, но казахстанскиот претседател, кој седеше до него на сцената како клучен сојузник, не го поддржа тој став. .
Модераторката на форумот, Маргарита Симонјан, водителка на телевизијата РТ финансирана од Кремљ, изврши притисок врз казахстанскиот претседател да се изјасни дали поддржува таков став на Русија, на што тој одговори со „Не“.
– Казахстан не признава „квази-државни територии какви што се, според нас, Луганск и Доњецк“, рече Токаев на форумот, објаснувајќи го своето мислење за Повелбата на ОН и нејзините одредби за правото на народите на самоопределување.
– Можеме да кажеме дека територијалниот интегритет е света категорија од една страна, додека други ќе тврдат дека секоја нација што живее во една земја има право на самоопределување и право да се оддели од таа држава, рече казахстанскиот претседател и додаде дека во светот би имало повеќе од 500 нови држави кога сите народи би го реализирале тоа право.
– Тоа би бил хаос, ја објасни својата позиција Токаев. Поради таа причина, ние не ги признаваме Тајван, Косово или Јужна Осетија… и на ист начин ќе се однесуваме кога станува збор за територијата на ЛНР и ДНР, односно Луганск и Доњецк, децидно одговори тој.
Несогласувањето на Токаев во Санкт Петербург беше ретка неконзистентна нота за Кремљ, кој работи напорно за да покаже дека Русија успешно им пркоси на американските и европските санкции кои имаат за цел да го изолираат Путин. Русија и Казахстан се исто така членки на Евроазиската економска унија, ривал на Европската унија, предводена од Москва, пишува Блумберг.
Како одговор на Токаев, Путин рече дека поранешниот Советски Сојуз ја покрива истата територија како „историска Русија“ и додаде дека никој нема ни да помисли да ги расипува односите со „братскиот“ Казахстан.