Необичен знак што го спасил животот

Гордон Роб (63) од Мидлотијан, Шкотска, доживеал хеморагичен мозочен удар, но немал ниту еден од типичните симптоми што обично се поврзуваат со оваа итна состојба. Единствениот сигнал што го забележал бил ненадејна неможност да ги разбере напишаните зборови.

„Се вратив од градината, сварив чај, пуштив музика и го земав телефонот за да ги проверувам мејловите. Гледав букви, знаев кој ми пишува, но зборовите немаа никакво значење“, раскажал Роб за „Newsweek“.

Првично помислил дека е уморен поради краткиот сон, но кога проблемот не исчезнал, отишол да спие надевајќи се дека ќе се подобри до утрото. Клучен бил разговор со роднина, која инсистирала веднаш да се упати во болница. Таму дијагнозата потврдена – хеморагичен мозочен удар.

Скриени и ретки знаци на мозочен удар

Многумина го знаат тестот „FAST“ – кратенка што предупредува на опуштено лице, слабост на раката, отежнат говор и итна реакција. Според „Centers for Disease Control and Prevention“, ако лицето не може нормално да се насмее, ако едната рака му паѓа или зборува неразбирливо, веднаш треба да се повика помош.

Сепак, кај Роб ситуацијата била поинаква.

„Знаев за вообичаените симптоми, но ниту еден не се појави. Дури и студентите по неврологија кои дојдоа да ме видат признаа дека и за нив дијагнозата би била предизвик“, изјавил тој.

Овој вид удар настанува поради крварење во мозокот и сочинува околу 15 проценти од сите случаи, додека останатите најчесто се последица на затнување на крвен сад. Роб, кој е во добра физичка форма и претходно пешачел до „Mount Everest Base Camp“, вели дека се чувствува исклучително среќен што немал потешки последици.

Клинички истражувања и важноста на инстинктот

Денес Роб учествува во клиничко истражување на „University of Edinburgh“, кое испитува дали лекови како аспирин или клопидогрел, кои го намалуваат згрутчувањето на крвта, можат да го намалат ризикот од нови мозочни и срцеви удари кај преживеани од хеморагичен удар. Иако ваквата терапија обично се избегнува поради страв од повторно крварење, претходни испитувања укажуваат дека би можела да биде безбедна.

„Резултатите се охрабрувачки и отвораат простор за понатамошни истражувања“, рече професорот Рустам Ал-Шахи Салман.

Д-р Соња Бабу-Нарајан од „British Heart Foundation“ потсетува дека „FAST“ ги опфаќа најпознатите знаци, но постојат и поретки – како неможноста да се разберат напишани зборови.

„Ако почувствувате дека нешто не е во ред, без разлика колку симптомот изгледа чудно или безопасно, веднаш побарајте помош. Кај мозочниот удар секоја минута може да биде пресудна“, заклучува таа.