Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции ја утврди методологијата за работа, која што ќе биде основата за анализата не само на веќе доставените осум случаи, туку на сите случаи кои ќе бидат доставени или утврдени од страна на интерната комисија, соопшти Министерството за здравство.

Министерот Азир Алиу вели дека транспарентноста е клучна во целиот процес.

-Се следат меѓународните стандарди како референтни точки. Очекуваме интерната комисија да ги утврди фактите во однос на осумте случаи и да постапува врз основа на медицински докази. Нашата крајна цел е заеднички да го подобриме здравствениот систем и да поставиме цврста основа на менаџирање во здравството, вели министерот за здравство Алиу.

Интерната комисија е составена од врвни експерти во областа, правници и економисти. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб страницата на Министерство за здравство.

Министерот Алиу вчера информираше дека биле доставени осум случаи до Интерната комисија формирана по информациите за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции, а побаран е и надзор од Лекарската комора.

– Пред неколку недели, јавноста беше вознемирена од информации за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции што се изведувале во здравствени установи. Како Министерство за здравство, веднаш постапивме и ја формиравме Интерната комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила. До Интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисијата ќе ги обработи сите детално, со цел да се утврди вистината врз основа медицински факти, посочи вчера на прес-конференција министерот за здравство.

На новинарско прашање, Алиу одговори дека од една јавна здравствена установа се доставени осумте случаи, а не од пациенти. – Од институција, не од поединец, подвлече Алиу.

На документот доставен до Министерството за здравство и до Фондот за здравство, во кое ги инфрмираат за доставените медицински досијеа, се потпишани 16 лекари од Универзитетската клиника за кардиологија и Униврзитетската клиника за државна кардиохирургија.

Министерот Алиу најави дека комисијатаденеска ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе постапува.