Резултатите од контролите на Управата за јавни приходи покажуваат дека неиздавањето фискални сметки останува сериозен проблем, бидејќи неправилности се утврдуваат во секоја четврта извршена контрола.
Заклучно со крајот на ноември, УЈП има спроведено околу 4.000 теренски контроли за евидентирање на готовинскиот промет, што е за 2,5 пати повеќе во споредба со истиот период лани. При контролите изречени се над 2.500 прекршочни глоби, а кај 113 даночни обврзници е изречена мерка забрана за вршење дејност, односно времено затворање на објектите.
Покрај казнените активности, инспекторите во пресрет на новогодишните празници реализирале и околу 3.500 советодавни посети кај трговски и угостителски објекти, со цел навремено укажување на најчестите неправилности и усогласување со законските обврски.
И за време на овие советодавни посети биле забележани низа прекршоци. Инспекторите констатирале фискални апарати без налепници од овластен сервисер, оштетени пломби, како и случаи каде што регистрираната адреса на фискалниот апарат не одговарала со реалната локација на работење. Дополнително, утврдено е и неуплаќање на дневниот промет во банка, како и неводење книги за дневни финансиски извештаи.
Од Управата за јавни приходи најавуваат дека во наредниот период контролите ќе бидат дополнително интензивирани, со посебен фокус на угостителските објекти и правилното евидентирање на готовинскиот промет.
Неиздавањето фискални сметки останува сериозен проблем
