Министерството за здравство утврдило неправилности во Стоматолошката комора и презема надлежности за лиценцирање до воспоставување законит систем

Во врска со денешната прес-конференција на Стоматолошката комора, Министерството за здравство потенцира дека одлуката е донесена врз основа на факти, аргументи и инклузивност во процесот на сите релевантни чинители. Според соопштението, утврдените неправилности во Стоматолошката комора се резултат на подолготрајна и сеопфатна анализа од повеќе стручни лица.

Од Министерството потсетуваат дека на овој процес претходела времена мерка изречена од Уставниот суд. А потоа и конечна одлука од истата институција со која се запира извршувањето на поединечните акти и дејствија. Дополнително, покрај времената мерка, Комората продолжила со континуираната едукација.

Паралелно, во прилог на оваа одлука е и извештајот од Државната комисија за спречување на корупција, стои во соопштението. Министерството информира дека за оваа цел биле формирани две комисии за надзор над законитоста на работата на Комората.

„Во двата случаи се констатирани неправилности во Стоматолошката комора, на кои е укажано со законски рок за нивно отстранување. Но, во законските рокови не е постапено од страна на Комората,“ наведуваат од Министерството.

Од таму додаваат дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година, воопшто не е постапено по препораките. „Во целост се неточни тврдењата дека комисиите немаат утврдено неправилности во кој било сегмент од работењето на Комората,“ велат од Министерството.

Втората комисија, како што информираат, веќе дала јасни насоки до Министерството за здравство за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат.

Врз основа на утврдената фактичка состојба, по разгледување на содржината на извештаите и доставената документација, како и одлуката од Уставниот суд од 15 мај 2024 година, министерот одлучил времено да ги преземе надлежностите за лиценцирање.

„Ова ќе трае сè додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално,“ нагласуваат од Министерството.

Министерот Азир Алиу во саботата соопшти дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.