Руската агресија трае веќе две и пол години, односно неславни 1000 денови кои се пекол за украинските граѓани. Но, Бајден и натаму молчи и не ја потврдува во јавноста својата одлука, исто како и неговата администрација која ја обвини Русија за ескалација на војната.
„Нема да разговарам или да потврдам какви било промени во политиката. Но, само последниот месец Русија распореди над 11.000 севернокорејски војници на фронтот во Курск, ангажирајќи ги во борбени операции против украинската војска. Тоа е голема ескалација од страна на Русија што доведува до конфликт во Европа, а нашиот одговор на тоа ќе биде цврст“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Наспроти молкот на Вашингтон, европскиот шеф на дипломатијата Борел потврди дека Украина добила дозвола од Бајден за употреба на ракетите со долг дострел во радиус од 300 километри на руско тло. Британија и Франција силно ја поддржаа одлуката наспроти Словачка и Унгарија кои изразија силно несогласување и предупредија на трета светска војна.
„Верувам дека тоа е одлука која е сосема добра. Мора да бидеме свесни за фактот дека Русија преку договорот што го потпиша со Северна Кореја и ангажманот на севернокорејските трупи во Европа донесе одлука која е ескалаторна“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Советот за безбедност со предупредување. Русија бара Западот двапати да размисли.
„Војната во срцето на Европа е конфликт со глобални импликации. Таа ја поткопува регионалната стабилност и ги продлабочува геополитичките позиции. Сите страни мора да обезбедат заштита и безбедност на цивилите без оглед на нивната локација“, изјави Розмари Ди Карло, заменик-генерален секретар на Обединетите нации.
Во истовреме Нордиските земји веќе издадоа нови насоки за граѓаните во случај на ескалација на конфликтот.