Компанијата најавува тешки, но неопходни реформи – 16.000 работни места ќе бидат во ризик

Прехранбениот гигант „Нестле“ најави дека ќе намали 16.000 работни места низ целиот свет во следните две години, објави новиот извршен директор, Филип Навратил. Тој истакна дека приходите на компанијата во првиот квартал се намалиле за 1,9 проценти, достигнувајќи 65,9 милијарди швајцарски франци (71 милијарда евра), пренесува Би-би-си.

„Светот се менува и „Нестле“ мора побрзо да се адаптира, а тоа вклучува донесување тешки, но неопходни одлуки за намалување на капацитетот“, рече Навратил, кој ја презеде функцијата на почетокот на септември.

Програмата за намалување на работната сила предвидува укинување на 12.000 работни места во различни оддели и региони, што ќе овозможи „заштеда од 1 милијарда франци годишно до крајот на 2027 година“, двојно повеќе од досегашните планови. Овие позиции ќе се додаваат на 4.000 работни места кои веќе се укинати како дел од претходни иницијативи за зголемување на ефикасноста во производството и синџирот на снабдување.

Компанијата се соочи со промени во раководството во септември, со отпуштање на претходниот извршен директор, Лоран Фрекс, и ненадејното заминување на претседателот, Пол Булке. Финансиските аналитичари се надеваат дека Навратил ќе успее да ја врати стабилноста на компанијата, која се соочи со инфлаторни бранови од 2022 година и скандал со флаширана вода.