Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ѝ наредил на армијата да напредува подлабоко во јужен Либан и да ја прошири, како што ја нарече, „постојната безбедносна зона“.
– Целта е да се спречи заканата од Хезболах и ракетните напади од таа област – изјави Нетанјаху на состанок за безбедносната состојба.
Тој нагласи дека, иако проиранската шиитска милиција претрпела сериозни удари, Хезболах сè уште располага со преостанати капацитети за ракетни напади врз Израел.
Нетанјаху додаде дека со командантите на Северната команда разговарал за начини за целосно елиминирање на оваа закана.
– Решени сме суштински да ја промениме ситуацијата на северот – рече тој.
Либанските власти наведуваат дека израелската армија сè подлабоко навлегува во јужен Либан со копнени сили. Според либанскиот министер за одбрана Мишел Менаса, војниците напредувале околу осум километри од границата кон внатрешноста.
Нетанјаху претходно најави создавање поширока „тампон-зона“ со цел да се оттурне Хезболах подалеку од границата со Израел.
Многумина во Либан стравуваат од голема копнена офанзива и можно долготрајно израелско присуство во јужниот дел на земјата. Израел го окупираше јужен Либан 18 години, до 2000 година.
