Ниту денешниот обид да се организира хуманитарен коридор од Мариупол не успеа, а проруските сепаратисти и Украинската национална гарда меѓусебно се обвинуваат за кршење на привременото примирје.
Телевизијата Украина 24 прикажа борец од Националната гарда Азов, кој рече дека руските и проруските сили кои го опколиле пристанишниот град со околу 400.000 жители продолжиле да ги гранатираат областите кои требаше да бидат безбедни.
Новинската агенција Интерфакс цитираше претставник на сепаратистичката администрација од Доњецк кој ги обвини украинските сили дека не го почитуваат ограничениот прекин на огнот.
Претставник на сепаратистите изјави дека само околу 300 луѓе го напуштиле градот. Украинските власти претходно соопштија дека планираат да евакуираат повеќе од 200.000 луѓе од Мариупол.