Невработеноста во Германија во декември достигна 6,2 проценти, додека бројот на лица без работа се искачи на 2,908 милиони, што претставува зголемување од 3.000 лица во споредба со октомври, покажуваат најновите податоци на Федералната агенција за вработување (BA).
Според истите податоци, на годишно ниво е забележан пораст од 101.000 невработени лица во однос на декември 2024 година, при што стапката на невработеност е за 0,2 процентни поени повисока споредено со истиот месец лани.
На денешната прес-конференција во Нирнберг, директорката на BA, Андреа Налес, изјави дека на германскиот пазар на трудот му недостасува економски моментум и дека очекува трендот на слаби резултати да продолжи, се наведува во извештајот на Германската федерална агенција за труд.
Во документот се посочува и дека во декември во Германија биле регистрирани 619.000 слободни работни места, што е за 35.000 помалку во споредба со истиот месец во 2024 година.
Дополнително, во декемврискиот извештај се наведува дека 1.033.000 лица во земјата примале надоместоци за невработеност, што претставува зголемување од 102.000 лица во однос на претходната година.
Како и во ноември, околу седум проценти од населението на работоспособна возраст во Германија и натаму останува зависно од социјална помош, се констатира во извештајот.
