Обилниот дожд и зголемувањето на нивото на реките и водотеците предизвикаа големи проблеми во Тирол. Во моментов најпогодени се окрузите Имст и Инсбрук-Ленд.

Патиштата и железницата беа затворени по поплавите и лизгањето на земјиштето. 2.500 пожарникари се ангажирани во поплавите во Тирол. Ситуацијата во областа Имст е особено тешка. Според проценките, таму може да се очекува повторно да се зголеми нивото на реката, пишува Кронен Цајтунг.

30 домаќинства со околу 70 луѓе беа евакуирани во Тумпен во Оцтал. Тие се наоѓаат во локалниот дом и во противпожарната станица. Во познатиот зимски спортски центар Зелден, сите мостови се затворени како мерка на претпазливост. Три куќи се евакуирани и во Јерзенс. Во тој реон снемало и струја.

Железничката линија помеѓу Грис ам Бренер и Бренер е затворена. Локален пат е оштетен од поплави и исто така е затворен.

Утринава оперативното раководство на противпожарната служба во Инсбрук одлучи да ја активира мобилната заштита од поплави во областа Сил. Затворена е пешачката и велосипедската патека од Раполдипарк до мостот Прадлер. Мостовите ги контролираат пожарникари, пишуваат австриските медиуми. „Ситуацијата останува тензична и внимателно се следи. За да се обезбеди најдобра можна координација низ целата земја, сега е активирано и државното управување со операциите“, рече советничката за државна безбедност Астрид Меир.

Силно невреме ја зафати и Баварија, во Бад Баерсоиен ветрот ги разнесе покривите од куќите. Во меѓувреме, повеќе од 350 милиметри дожд наврнаа во швајцарскиот кантон Тичино во последните 72 часа. Пообилни врнежи денеска се предвидуваат главно за Предарље, Тирол, Солнограшка и Корушка, каде на места веќе врне дожд. Метеоролошката служба Геосфера Австрија предупредува на можност од лизгање на земјиштето и поплави.

Невремето веќе прави проблеми во Тирол. Поради свлечиштето мораа да ја затворат и железничката врска со Бренер на границата со Италија, која ќе биде затворена до вечер. Во долината Оцтал, потокот веќе се излеа од коритото, поради што регионалниот пат таму е затворен. Наскоро се очекува да почнат да поплавуваат и некои други потоци.

Според прогнозите врнежите од дожд во поголем дел од земјата ќе траат до вторник. Може да падне од 60 до 100 милиметри врнежи, на некои места од 150 до 200 милиметри, особено во централниот дел на Алпите. Во австриските региони Штаерска и Градишка се очекуваат повремени обилни врнежи и грмежи. Во среда се очекува врнежите да престанат насекаде. Во четврток се очекува променливо сончево, иако се уште се можни врнежи од дожд.