Повеќе делови од Македонија вечерва се зафатени од нестабилно време со пороен дожд, грмежи, засилен ветер, а локално и со појава на град, информира Управата за хидрометеоролошки работи. Невремето се движи од северозапад кон југ и југоисток, а метеоролозите предупредуваат дека на одделни места се можни поинтензивни врнежи и електрични празнења.

Првично бил зафатен Кичевскиот регион, каде во попладневните часови имало пороен дожд и грмежи, по што нестабилноста се проширила кон планинските предели северозападно од Скопје, Полошкиот регион, Овче Поле и подрачјето западно од Струга. Невреме со пороен дожд, грмежи и засилен ветер било регистрирано и северно од Штип, при што облачноста продолжила да се движи кон југ, во правец на Гевгелија.

Слаб до умерен дожд е забележан во Скопје, Охрид, Ресен, Македонски Брод и во северозападните делови од земјава. Според последните информации од УХМР, пороен дожд и грмежи има и во Прилеп, Гевгелија, Крушево и Македонски Брод, а во текот на вечерта невремето стигнало и до Ресен, Преспа и Битола.

УХМР продолжува да ја следи состојбата, бидејќи локално и натаму се можни пообилни врнежи, силни грмежи и засилен ветер.