Светски познатиот пијанист Мишел Камило и Националниот џез оркестар приредија незаборавна џез вечер пред полната сала во Македонската филхармонија. Спектакуларниот музички настан се одржа под диригентската палка на маестро Џијан Емин.

Националниот џез оркестар вечерта во Македонската филхармонија го реализираше долго најавуваниот концерт со еден од најзначајните пијанисти и композитори на глобалната сцена. Камило зад себе има престижни меѓународни награди, меѓу кои едно Греми признание, три Латински Греми награди, како и Еми признание.

На сцената познатиот уметник настапи заедно со своите долгогодишни музички соработници, меѓу кои басистот Рики Родригез од Порторико на контрабас и Марк Валкер од Чикаго на тапани. Целиот ансамбл свиреше под водство на диригентот Џијан Емин.

Доминиканскиот пијанист и композитор ја воодушеви публиката со извонредната изведувачка виртуозност и со препознатливиот музички стил, при што неговата експлозивна латино џез енергија динамично одекнуваше во концертната сала.

Музичкото творештво на Камило претставува уникатен спој на џез хармонии, класична музика и карипски ритми, формула со која тој со децении освојува признанија на најпознатите светски фестивали и сцени. Ова беше негово второ гостување во земјава, а прв официјален концерт пред публиката во Скопје.

Заедно со членовите на македонскиот национален оркестар, Камило изведе богат репертоар базиран на композиции од неговите три албуми снимени во биг бен формат. Публиката во салата имаше можност во живо да ги чуе неговите култни остварувања меѓу кои беа композициите One More Once, Why Not!, Caribe и Suite Sandrine, Pt. 3.