Аптеките предупредуваат на намален квалитет на здравствена грижа

Аптеките во Македонија бараат итно ослободување од новата обврска за објавување на цените на производите на интернет. Здружението на приватни аптеки достави официјално барање до Министерството за економија и кабинетот на премиерот. Тие  истакнуваат дека новите правила претставуваат непотребен товар и ја попречуваат основната функција на фармацевтите – грижата за пациентите.

„Приоритетната наша улога е давање на здравствена грижа. Новиот правилник ќе го намали квалитетот на услугата, бидејќи фармацевтите ќе мора да го одвојат своето време на административни обврски,“ – изјави Билјана Божиновска од Здружението.

Владата ја потврдува пристигнатата иницијатива, но останува на ставот – законот мора да се почитува

Од Владата потврдија дека го добиле барањето на аптеките и најавија разгледување. Сепак, тие потсетија дека обврската произлегува од новиот Закон за заштита на потрошувачите. Важи за сите засегнати страни, освен за оние со помалку од 10 вработени.

И малите трговци бараат повеќе време – проблеми со кадар и техничка подготвеност

Слични проблеми посочија и од Стопанската комора на трговци на големо и мало. Многу мали бизниси сѐ уште немаат веб-страници, а се соочуваат со финансиски и кадровски предизвици. Затоа бараат дополнителен рок за имплементација на обврските.

Од утре стапуваат на сила строгите правила за е-продажба

Министерот за економија, Крешник Дурмиши, вчера го образложи правилникот кој стапува на сила од утре. Согласно новите прописи, поголемите трговци, вклучително и аптеки, ќе мора секој работен ден до 10 часот да ги ажурираат цените на сите производи на своите веб-страници. Попустите ќе треба јасно да бидат означени, заедно со старата цена и периодот на траење на акцијата.

Објави на социјални мрежи нема да се сметаат како исполнување на обврската, а оние кои нема да го почитуваат законот ризикуваат казна до 10.000 евра.

Следна средба по Велигден

Министерот Дурмиши најави средба со претставниците на аптеките и трговците по велигденските празници, на која ќе се разгледаат можните решенија за проблемите што ги посочуваат.