Трите партии – партнери на Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов во бугарската владејачка коалиција – Промената продолжува (ПП), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија (ДБ) се оградија од неговиот став во кој стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ го поврза со укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната.
Истражувачкиот новинар и аналитичар Џелал Незири, во изјава за Лидер вели дека предлогот на Трифунов може да биде дел од платформата за преговори со американските и европските политичари во врска со европската перспектива на земјата, но тоа секако е надвор од Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.
Бугарија се соочува со меѓународен притисок за да го тргне ветото со кое се блокира земјата во започнувањето на преговорите за членство во Европската унија. Притисокот од Брисел и Вашингтон е особено изразен во овој период на сериозни тензии помеѓу Западот и Русија заради фактот што блокадата на Бугарија создава простор за зголемување на присуството и влијанието на Истокот во земјата и регионот. На 10 јануари е најавена средба на Консултативниот совет за безбедност на Бугарија, каде членуваат претседателот на државата, премиерот и клучните министри. Темата за спорот со Северна Македонија е главна, па затоа се бара начин како да се справува со овој период на притисоци. Предлогот на Трифунов може да биде дел од платформата за преговори со американските и европските политичари во врска со европската перспектива на земјата. Просто кажано, Бугарија бара нешто за возврат како награда за тргување на ветото. А ова секако е надвор од Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година, вели Незири.
Како што јави Дојче веле, меѓународниот секретар од партијата на Трифонов на ИТН, Димитар Гардев, на прашање дали ваквата позиција е официјален став на партијата, изјави дека за партискиот став по ова прашање ќе се разговара денеска.