Македонските граѓани и во април годинава се соочуваа со двоцифрена инфлација, која достигна ниво од 13 отсто. Благиот пад од еден отсто во однос на претходниот месец, речиси и не беше забележлив за поголемиот број граѓани што се соочуваат со високите цени на основните прехранбени производи. Споредбено, индексот на цените на мало бележи зголемување од 10,1 отсто во однос на минатогодишниот период.
Остри контроли од пазарните и даночните инспекторио
Со намера да се смири растот на цените на прехранбените продукти во Македонија, поради однесувањето на трговците и на увозниците, беа преземени остри контроли од пазарните и даночните инспектори, но и од Финансиската полиција. Сепак, освен неколку пријави за „несовесните“ трговци, беа поднесени три кривични пријави против увозниците на зеленчук и овошје, како и десетина прекршочни пријави, но тоа не влијаеше на намалување на цените на зелените пазари и во маркетите. Од Министерството за економија се најавуваат нови мерки што ќе го заштитат стандардот на најранливите категории граѓани.
– Овој тренд на намалување ќе продолжи. Би сакал да упатам една порака до сите стопанственици во нашата држава, особено до производителите на основните прехранбени производи, а секако и до трговците и увозниците на овие производи, да се подготват. Моментно и цените на суровините и цените на енергентите се на ниво што овие цени може дополнително да се намалуваат од денешните, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Државната статистика не регистрира рапидно реално поевтинување
Дека во практика не може да се види реално поевтинување говори и државната статистика. Најновите очекувања на Владата се дека ќе има намалување на инфлацијата на почетокот на летово, кога таа повторно ќе била едноцифрена. Простор за намалување на цените има и поради намалувањето на цената на дизелот и на другите нафтени деривати.
Синдикалните организации излегоа со свои пресметки за животните трошоци во Македонија, а минималните трошоци на едно четиричлено семејство во април изнесувале 49.384 денари. Најмногу пари, или 19.224 денари, биле потребни за храна и пијалаци, како и за режиски трошоци (13.423 денари).
– И покрај сите мерки на Владата, трошоците за храна и пијалаци за само една година се зголемени за 2.766 денари, а во 2023 година ниту еднаш не е намалена вредноста на храната и пијалаци во делот на синдикалната минимална кошница – велат од ССМ.
Некои сегменти од анализата на Народната банка на Македонија
Во изминатиот период беше преземена порестриктивна монетарна политика од Народната банка на Македонија, која со фискалните мерки што беа преземени од Владата требаше да направи поголемо намалување на инфлацијата. Но анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП за периодот 2023 ‒ 2025 година, спроведена во март, покажува нагорна ревизија на очекувањата за просечната стапка на инфлација, додека во однос на очекуваниот раст на БДП покажува мала надолна ревизија. Економските аналитичари ги поврзуваат ваквите очекувања пред сѐ со ефектите, времетраењето и текот на воениот судир во Украина, при што нагласуваат дека сѐ уште постои висок степен на неизвесност околу текот на идните случувања.
Во однос на инфлацијата, очекувањата и натаму упатуваат на нејзино постепено забавување, по високите остварувања во 2022 година кога таа во просек достигна 14,2 отсто. Имено, очекувањата на испитаниците упатуваат на просечна стапка од 10,4 отсто за 2023 година (7,8 отсто во претходната анкета) и 5,5 отсто за 2024 година (4,3 отсто во претходната анкета). На среден рок, за 2025 година, испитаниците очекуваат натамошно стабилизирање и просечна стапка на инфлација од 4,1 отсто. Како фактори, главно за 2023 година, и натаму се посочуваат продолженото траење на војната во Украина и повисоките цени на увезените добра, како што се цените на храната и енергијата, нарушените глобални синџири на снабдување, како и неизвесноста околу решавањето на воениот конфликт и продолжувањето на поставените санкции и трговски рестрикции. Се очекува дека мерките што ги преземаат носителите на монетарната и на фискалната политика делумно ќе го ублажат ценовниот раст. Испитаниците очекуваат и дека повисоката споредбена основа од 2022 година, особено во втората половина од годината, ќе придонесе за забавување на инфлацијата во 2023 година.
Во поглед на економската активност, кај очекуваната стапка на раст е направена мала надолна ревизија. За 2023 година испитаниците очекуваат економски раст од 2,4 отсто (2,7 отсто во претходната анкета), а за 2024 година се очекува раст од 3,1 отсто (3,5 во претходната анкета). За 2025 година, испитаниците очекуваат постепено забрзување на растот, по што би се искачил на 3,6 отсто.
Врз растот неповолно може да дејствуваат и намалената домашна и странска побарувачка, воздржаноста на домашните и на странските инвеститори, при почнато затегнување на монетарната политика во глобални рамки.
Исто така, продолжува неизвесноста поврзана со домашниот политички амбиент, како и со текот на преговорите со ЕУ, како потенцијални ограничувачки фактори за економскиот раст во следниот период, се посочува во анализата на Народната банка на Македонија.