Жените од руралните средини се соочуваат со голем број предизвици: социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и други јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во голема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата.

Ова е пораката од претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, упатена денеска во Крушево пред 200 членки кои заедно го одбележаа Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври, кој традиционално по 16 пат се организира од Националната федерација на фармери со поддршка на Шведската организација за развој We Effect и од Германската развојна соработка спроведена од GIZ.

На настанот се анализираа начините како да се поттикнат жените да имаат клучна улога во обезбедувањето на храната преку одржливост на руралните домаќинства и земјоделски стопанства, но и како да се подобри социјалната и економска положба на жените од руралните средини.

-Она што сакаме да го истакнеме како посебен наш заеднички успех и резултат е донесената Програма за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност. Во име на нас жените од руралните средини ја истакнуваме важноста на оваа Програма. Таа е одлично решение кое им овозможува на земјоделките да добијат паричен надомест за време на мајчинството во период од 9 месеци. Ова е голем успех за земјоделките кои навистина ја заслужуваат оваа поддршка. – порача Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.

На самата манифестација присуствуваше и првата апликантка на Програмата за мајчинство, Густе Златкова, одгледувачка на овци и производителка на сирење и истакна дека оваа програма е навистина значајна за регистрираните земјоделки бидејќи помага во првите девет месеци жената да добива финансиска поддршка и повеќе да биде насочена кон обврските за детето, отколку на другите земјоделски активности.

-Во реалноста сме далеку од постигнување на рамноправноста на руралната жена и ни треба многу работа токму од институциите е потребна поголема поддршка на женското лидерство, гласот на жените треба да биде чуен и решен. Оваа поддршка не треба да е декларативна и наменска туку суштинска и секојдневна во форма на функционално партнерство во процесот на одлучување на сите нивоа, за самите жени од руралните средини да станат креатори на политиките. На овој начин тие сами ќе ја креираат својата улога во општеството, но и ќе се надминуваат стереотипите кои се најизразени во руралните средини и ќе бидат столб на локалната економија преку вмрежување и користење искуства од другите земји за подобрување на економската и социјална поддршка на руралните жени, рече претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Шведска е долгогодишен поддржувач руралните жени во земјава, посочи Амбасадорка на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.

-Жените се уште немаат еднаков третман како мажите во општеството, се среќаваат со многу предизвици, недостаток на работа, неплатена работа, дури и насилство, но тие остануваат и продолжуваат да обезбедуваат храна за семејствата но и за сите нас, Затоа е потребно е да бидат ценети подеднакво како и мажите. Позитивната работа е донесување на програми за социјална сигурност особено кои се однесуваат на платено породилно отсуство, Шведска ги подржува сите програми за трансформација и успех, а нашата програма е целосно посветена на поддршка на земјата на патот кон ЕУ особено преку зајакнувањето на родовата рамноправност како е една од клучните работи на овој пат, истакна Ларсон Џеин.

Активностите на Националната федерација на фармери се поддржани и од Германската развојна соработка спроведена од GIZ. Амбасадорката Петра Дрекслер порача дека од оваа година во рамки на амбасадата посебно внимание ќе се посвети и на земјоделството,

– Жените во руралните средини треба да бидат креатори на политики, искрено и не знам дали и кога тој баланс меѓу мажите и жените се помести бидејќи јас пораснав во мало село на границата меѓу Германија и Чешка, каде имаше еднаков број на мажи и жени и во училиштата и во професиите. Но денеска бројот на жените е многу помал, веројатно на ова влијаеше кризата бидејќи општеството не ги изнаоѓа вистинските начини да ги искористи капацитетите на жените. Токму затоа една од клучните политики на министерството за надворешни работи на Германија е феминизмот во форма на инклузивност во остварување на еднакви можности за жените, особено за руралните жени преку зајакнувањето на јавната свест, но она што е поважно е вклучување и на институциите, невладините, општините, фармерите, во една подетален пристап за да се направат долгорочни промени, додаде Дрекслер.

Во своето видео обраќање министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ја потенцираше целокупната заложба на Владата за развој на земјоделството со посебен акцент на руралната жена.

-Сите заедно ја креиравме мерката за „Рурална жена, а тоа беше мотив да ја продолжиме поддршката со фокус на развивање на политиките на жените од сите региони кои инвестираат во знаење, технологии и маркетинг на производите, и ќе продолжиме со се она што можеме да го промовираме сето она што се произведува во нашата земја и под нашето сонце. Жените се застапени има во секоја програма, мерки и политики на министерството. Токму затоа се изборивме за мерката за платено породилно отсуство и како пилот програма обезбедивме 81.000 денари за жените земјоделки, да можат да користат право на породилно отсуство од 9 месеци, а од следната година се надеваме дека системски ќе биде решено со цел руралната жена да го добие заслуженото место во општеството, еднаквоста и можностите кои им служат на располагање, додаде министерот Николовски.

Наташа Димеска, шефицата на кабинетот на министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска се надоврза на плачот на првото бебе чија мајка е корисник на платено породилно отсуство за жените земјоделки и рече дека се надева дека идната година ќе има многу повеќе бебиња, преку програмите кои ќе ги охрабрат овие жени да ги остварат своите права.

-Факт е дека треба да работиме повеќе за да имаме политики за поддршка на жени, бидејќи според статистиките речиси 87 проценти од земјава е плодно земјиште, кое во најголем дел е обработувано од жени, но за жал нема толку проценти на еднаквост. Традиционалните вредности, ограничените можности, сериозно влијаат на економската стабилност врз жените да бидат лидери, токму затоа ние како министерството ги слушаме желбите за промени, родовата еднаквост е наш приоритет, а тоа подразбира да сме еднакви во можностите, достапноста до еднаквите можности. Затоа активиравме програми за грантови за самовработување, помош и нега на повозрасните жени, додаде таа.

-Родовата еднаквост мора да се земе предвид кога се донесуваат одлуки, се распределуваат ресурси и се креираат и спроведуваат политики и законски рамки. We Effect се обидува да биде двигател во придвижувањето на родовата еднаквост на врвот на агендата за регионален рурален развој. Заедно со нашите партнерски организации во регионот сме целосно посветени на донесување на позитивни промени во насока на вистинско унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените во руралните заедници.- истакна Анели Леина, Регионална директорка на Шведската организација за развој We Effect.

– Достапноста на нови и точни податоци и информации е предуслов за креирање на соодветни мерки, базирани на докази, за поддршка на економските активности на жените од руралните области. Тековната анализа за статусот и состојбата на жените од руралните области на Западен Балкан кој ја спроведува Постојната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа (СВГ), поддржано од ГИЗ, треба да придонесе во овој процес. Исто така, регионалната соработка е од круцијална важност за размена на искуства, знаења, идеи и заеднички акции за социо-економско зајакнување на жените од руралните области во Западен Балкан, за што особено радува иницијативата на Националната федерација на фармери. – заклучи Карин Рау, Менаџер на проектот: Поддршка на диверзификацијата на економските активности во руралните подрачја на Југоисточна Европа(SEDRA II)

На настанот беа доделени и сертификати за признание за успешни жени и здруженија на граѓани кои работат за подобрување на економската и социјалната состојба на жените во руралните области.

Како завршница на настанот, кој оваа година имаше и регионален карактер, беше потпишувањето на Декларација за соработка меѓу организациите од Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора за создавање на регионална платформа за соработка за подобрување на економската и социјалната состојба на жените во селските области.

На настанот присуствуваа претставници на институции, организации од регионот и рурални жени од цела земја. Имено 15ти октомври е прогласен за Меѓународен ден на жената од руралната средина од страна на Обединетите нации во 2008 година.