Никој нејќе да разговара со  Калас

Москва денеска соопшти дека не гледа можност за какви било разговори со високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, во врска со прекин на војната во Украина, оценувајќи ја неа и актуелното раководство на ЕУ како некомпетентни.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека на европското раководство му недостасуваат визија и капацитет да ги согледа последиците од своите одлуки на подолг рок.

„На раководството на ЕУ му недостигаат луѓе кои знаат да планираат и да ги предвидат идните последици. Станува збор за необучени и некомпетентни функционери кои не го разбираат денешниот координатен систем“, изјави Песков, пренесува Индекс.хр.

Тој беше особено остар во критиките кон Каја Калас, поранешна премиерка на Естонија, истакнувајќи дека Москва нема намера да воспостави дијалог со неа.

„Никогаш нема да разговараме за ништо со неа. Тоа нема да го направат ниту Американците“, рече Песков, додавајќи дека Русија ќе почека додека Калас не ја напушти функцијата.

Изјавите на Песков следуваат по разговорите меѓу украинските и руските претставници, кои со посредство на американски медијатори се одржаа во петокот и саботата во Обединетите Арапски Емирати.

 

 

 

Никој нејќе да разговара со Калас