Прилеп и Карпалак ја одбележуваат 24-годишнината од загинувањето на бранителите
Во Прилеп и месноста Карпалак денеска се одбележуваат 24 години од загинувањето на десетмината армиски резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Повеќе делегации ќе ги посетат нивните вечни почивалишта во Прилеп и во населените места, а ќе биде посетена и месноста Карпалак, каде на 8 август 2001 година, при напад врз армиски конвој, загинаа бранителите.
Оддавање почит пред спомен-обележјата
Делегација на Собранието во состав Биљана Кузманоска, Пеце Милевски и Миле Талевски ќе положи цвеќе пред комплексот Карпалак во центарот на Прилеп. Вчера, во кругот на касарната „Мирче Ацев“, започна одбележувањето со поклон пред спомен-обележјето во чест на загинатите.
Порака за сеќавање и мир
Потполковникот Сашко Палески, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“, истакна дека спомените за бранителите ќе се чуваат со порака – никогаш да не се повтори ваква трагедија. Почит им оддадоа повеќе делегации, семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.