Градиме нов автопат Скопје – Блаце кој ќе донесе развој и посилно регионално поврзување, отворајќи нови можности за пристап до пристаништата Драч и Бар со што дополнително ја зацврстуваме позицијата на Македонија како раскрсница на Балканот, објави на фејсбук вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Автопатска делница е во должина од 10 и пол километри, исклучително комплициран тежок терен.

-Ќе имаме 5 тунели, 4 галерии, 11 моста, со сѐ помали објекти вкупно над 40 објекти треба да се изградат на оваа делница. Иако во километри делницата е кратка, како што кажав, е доста комплицирана, но со завршувањето на оваа делница ќе имаме целосно автопатско поврзување помеѓу Скопје и Приштина. Исто така го отвораме Скопје и Македонија кон најмалку две пристаништа — ова е алтернативно поврзување со пристаништето Драч, но исто така и поврзување со пристаништето Бар. Нашата визија како Влада е Македонија да стане инфраструктурно срце на Балканот, истакна Николоски на вчерашното поставување на камен-темелникот.