Владата го започнува еден од најзначајните инфраструктурни проекти – изградбата на автопатот Скопје–Блаце, патен правец кој ќе ја поврзе државата и бизнисот со пристаништата во Албанија и Црна Гора и ќе ја забрза економската активност во регионот, истакна замeник претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во поткастот “Радар”.

„Во понеделникот го потпишавме договорот за грант. Обезбедивме околу 31 милион евра неповратни средства од Европската Унија, што претставува околу 15 проценти од вредноста на проектот. Тоа се средства кои директно ја намалуваат цената што ја плаќа државата и се силна потврда за довербата што ја имаме од европските партнери. Со изградбата на автопатот, Македонија ќе добие современа врска со Косово, Албанија и Црна Гора, отворајќи нови можности за економски развој и регионална поврзаност”, истакна Николоски.

Тој додаде:

„ Се работи за комплицирана делница, поминува низ Скопска Црна Гора, ќе има вкупно 40 објекти како што се нарекуваат – тунели, мостови, вијадукти и галерии коишто треба да се решат. Навистина инженерски ќе е сериозен потфат. Но ќе го завршиме, сме се нафатиле на работата и ќе ја завршиме. ДУИ го ветуваше 20 години, ама 20 години не го изгради, еве ние не го ветувавме, ама почнуваме да го градиме и ќе го завршиме” – рече Николоски.

Значајно, како што истакна вицепремиерот е фактот што домшна компанија ќе го реализира проекот.

“Избравме изведувач, тоа е конзорциум предводен од „Гранит“, од македонска домашна фирма. После децении, македонска домашна фирма добива да гради автопат, скоро и да не се сеќавам кога последно македонска фирма градела. И на овој начин сакаме да покажеме дека и македонското градежништво и македонската оператива знае да работи големи проекти”, заклучи Николоски.