Нашата амбиција е не подоцна од 2029 година на Коридорот 8 да имаме поврзување со автопат и експресен пат граница со граница или од граничниот премин Ќафасан до граничниот премин Деве Баир со Бугарија, истакна во вечерашното гостување во емисијата “Јади бурек”, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој детално го елаборираше планот на Владата и Министерството за транспорт во однос на транспортните коридори.

“ Охрид-Кичево до крај на следната година ќе го завршиме со крак до Струга, Требеништа – Ќафасан не можеме да го работиме поради забрана од УНЕСКО. Со ЕБОР ја работиме спојката Кичево – Букојчани од 11км. Таму очекувам во понеделник да излезе барањето за доставување финансиски понуди и рокот е до 10 октомври да стигнат понудите, а рокот на завршување е 3 години. Букојчани-Гостивар или популарната Стража, веќе многу интензивно ја работи Бехтел со тоа што таму спасивме 250 милиони евра на државата. Гостивар-Тетово го почнавме, тој реално се завршува брзо, но има многу население од двете страни и не сакаме да го закочиме сообраќајот туку ќе оди паралелно со Букојчани-Гостивар. Значи за три години отсега и тој би требало да се заврши. Тетово-Скопје има автопат, Скопје-Обиколница-Куманово има автопат, за експресен пат Куманово-Страцин сега бараме пари од ЕУ, а Страцин-Крива Паланка го пуштивме во јануари годинава, а во моментов работиме на целосна реконструкција на граничниот премин Деве Баир со Бугарија” истакна Николоски.