Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска е од историско значење за развојот на државата. Ова на својот фејсбук профил го напиша вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Денес во Собранието е изгласан Законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Овој договор е од историско значење за Македонија и развојот на државата. Со овој договор се потврдува партнерството помеѓу двете држави! Заеднички ќе направиме огромни проекти и ќе ја направиме Македонија многу подобро место за живеење!“, напиша вицепремиерот Николоски.
Инаку Собранието попладнево во рамки на 52. седница го донесе Закот за ратификација на Договорот меѓу Македонија и Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти.
За законот гласаа 82 пратеника од кои 76 пратеници гласаа „за“, шест пратеници гласаа против, а воздржани немаше
Заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски го презентираше законот. Истакна дека документот е склучен во Лондон на 22 мај годинава врз основа на потпишаната декларација за стратешко партнерство. И е важен чекор напред во зајкнувањето на партнерството меѓу двете земји и унапредувањето на нивните заеднички интереси.
Целта на овој договор е и консолидација и натамошен подинамичен развој на односите. Соработката во однос на критичната инфраструктура, здравството, технологијата и енергетиката заради реализација на инфратсурктурни приоритетни проекти. Со Договорот на земјава ќе и се обезбеди кредитна линија од пет милијарди фунти на располагање за големи инфраструктурни железнички, транспортни, здравствени и енергетски проекти.