-Сакам да ги повикам сите граѓани следна сабота на 18-ти јуни да излезат и да ни се приклучат за да ја срушиме Владата на голем сенароден митинг. Јас очекувам 10-тици или пак 100-тици илјади луѓе да се приклучат. Човек плус значи ден помалку владеење на СДСМ и на ДУИ,истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во утринската емисија на „Лидер“.
Николоски додаде дека потребно е на 18-ти јуни да излезат сите граѓани кои што се незадоволни од владеењето на СДСМ и ДУИ.
-Ние сме благодарни на поддршката која што ја добиваме, и во средбите кои што ги имаме со граѓаните, и на социјалните мрежи, и вака во јавност кога излегуваме на радија и на телевизии, но битно е таа поддршка да се материјализира. А, најдобар начин да се материјализира е жителите на Скопје, жителите на градовите и на селата од цела Македонија да дојдат пред Влада и заеднички да ја срушиме Владата, нагласи Николоски.
Тој дури посочи дека ако има голема односно огромна посетеност на сенародниот протест Владата ќе падне. Но, ако луѓето седат дома ќе продолжи владата на СДСМ и ДУИ да ја краде државата.
-Владата нема да може да издржи масовност на протести. Ниедна Влада не може да издржи толкава бројка на незадоволни граѓани. Но, ако луѓето седат дома и коментираат по социјалните мрежи, и гледаат вести и се нервираат, нема да направат ништо. Ако излезат и не поддржат тоа е начинот на кој што ќе се сруши Владата. Од опозиција Влада се руши на улица, и затоа излегуваме на улица, рече Николоски.
Николоски укажа дека терминот за големиот сенароден протест е на 18-ти јуни, секој граѓанин е добредојден. Време е Владата да падне и да се стави крај на лошото владеење кое што штети на државата и на сите граѓани.
-Собранието е блокирано, ако ја блокираме и државата, а со огромна бројка ќе ја блокираме, нема да може Владата да функционира тогаш ќе падне сама од себе,нагласи Николоски.