Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски при денешната посета на Сопиште јавно го праша премиерот Зоран Заев и Владата дали мислат дека Софија би дозволила да се отвори филијала на битолскиот универзитет кој што се вика „Свети Климент Охридски“ и го носи истото име како најголемиот универзитет во Бугарија.
-Мислам дека Бугарите не би ни помислиле да дозволат такво работа камо ли да ја направат, рече Николоски.
Коментирајќи го новиот универзитет „Свети Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Николоски посочи дека не гледа ниту реципроцитет. На пример не се виде дека било кој од македонските универзитети му се дозволува да отвори своја филијала во Бугарија.
-Имам две работи што би сакал да ги кажам. Прво, апсолутно мислам дека е корисно да се развива соработка на научен план, за тоа што науката е она што треба да ги обединува жителите, не само на Балканот туку и во цела Европа и најдобрите да одат напред. Но, она што ме загрижува е начинот на кој што ова се прави, од проста причина што од сите универзитети кои што ги има во Бугарија се избра токму овој универзитет кој што има исто име со најголемиот универзитет во Македонија „Свети Кирил и Методиј“, на кој што голем број генерации се образувале и се образуваат. Најголем дел од нас го стекнаа своето високо образование таму. И навистина на овој подмолен начин да се подриваат темелите на најголемиот македонски универзитет мислам дека е за секаква осуда, истакна Николоски.
Николоски додаде дека Зоран Заев продолжува со својата политика на распродажба на националните интереси. Но, на изборите кои што ќе ги имаме во октомври ќе се стави крај на таа политика.