Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.
На средбата, покрај инфорациите за тековната соработка помеѓу Владата и Делегацијата на ЕУ, се разговараше и за заштитата на културното наследство во Македонија.
Во овој сегмент, се отвори прашањето за реставрација на објектот на централната зграда на Македонска пошта во центарот на Скопје како објект од културно и архитектонско значење.
На средбата присуствуваа и претставници од Министерството за културa за што во наредниот период ќе се направат обиди со поддршка од ЕУ да се изврши реконстуркција и да се заштити овој објект со културна вредност за државата и истиот повторно да се стави во функција.
-Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред се стручно знаење како и сериозни средства. Но централниот објект на Пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија како еден од најзначајните објекти од времето на брутализмот и мора да биде заштитен во својата основна форма и ставен во функција, истакна по средбата заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.