Николоски вели дека Таравари е непрепознатлив. Според информации со кои располага, како што вели, Таравари лани намерно не сработил за изборите за советници во Тетово со цел да има катастрофален резултат за да се повлече Зијадин Села и тој да ја преземе партијата. Исто така, Николоски повторно потсети и дека Таравари добил куќа во скопско Тафталиџе, а по сите овие настани ја внел Алијанса за Албанците во Владата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вели дека е политичка корупција и проституција во режија на ДУИ и СДСМ она што се случува во земјава.

Зборувајќи за случувањата на политичката сцена и актуелната реконструкција на Владата, тој и денеска оцени дека нема поента од избори ако сите сакаат да влезат во иста влада.

„Имаме еден класичен систем на политичка корупција и политичка проституција. Ако некој до сега не знаеше како изгледа еве ги на сцена. Гледаме еден куплерај кој се случува на македонската политичка сцена каде СДСМ и ДУИ се обидуваат по секоја цена да внесат нови политички партии во Владата. Начинот на кој се однесуваат неколку политички партии покажуваат дека изборите губат смисла. Која е поентата да има избори и по избори сите да сакаат да влезат во влада. Тогаш нема поента од избори“, рече Николоски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.

И за Алијанса за Албанците тој настапи со тезите дека станува збор за уцена, споменувајќи ја тука куќата на Арбен Таравари во скопската населба Тафталиџе од 261 квадратен метар, која купил 150 илјади евра.

„Зошто велам уцената? Затоа што овој Арбен Таравари којшто го гледаме сега е непрепознатлив од претходно. Има еден сплет на околности кој мора да се знае, минатата година имаше локални избори во општина Тетово каде Алијанса помина катастрофално, има кредибилни информации кои говорат дека Таравари намерно го намести Зијадин Села, имајќи предвид дека Таравари во Тетово, Гостивар е повлијателен и намерно не сработи. Села мораше да замине, тоа беше првиот чекор. Вториот чекор во скопско Тафталиџе му беше поклонета куќа од 261 квадрат на Таравари и третиот чекор, тој ја внесува Алијанса во Владата. За мој вкус многу евтино се продадоа“, рече Николоски.