Ги повика граѓаните да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакупоски
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска на средба со граѓаните во општина Маврово-Ростуше ги повика да излезат масовно на изборите и да го поддржат кандидатот на партијата, Онер Јакупоски. Тој говореше и за економските и инфраструктурни проекти во регионот, потенцирајќи дека Владата ќе обезбеди поддршка за завршување на сите важни проекти.
„Долго е во партијата и бил заедно со сите вас, со сите нас и во најтешките моменти на партијата, и сега кога би рекол се најсветлите моменти на партијата, и кога партијата ги доживува најголемите успеси, и затоа мислам дека вашата општина, Маврово Ростуше, треба да е дел од овој победнички тим којшто го има ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николоски.
Инвестициски циклус и автопатот Охрид-Кичево
Николоски го потенцираше значењето на инфраструктурните проекти за регионот, вклучително и приклучокот кој ќе го поврзе Маврово-Ростуше со автопатот на Коридор 8. Тој најави дека делот од Извор кон аеродромот ќе биде отворен помеѓу 2 август и 8 септември, што ќе овозможи полесен пристап за патниците и дијаспората.
„Очекувам автопатот Охрид-Кичево, согласно најавите, да биде завршен до крајот на оваа година, или првата половина на следната година. Но, делот којшто вас најмногу ви значи, а тоа е отворањето од Извор кон Аеродромот, затоа што голем дел го користат аеродромот и кога доаѓаат од дијаспора, ќе биде отворен помеѓу 2 август и 8 септември, што значи веќе следно лето ќе може да се користи“, истакна Николоски.
Нови авиолинии и економски развој
Потпретседателот истакна дека Владата активно работи на отворање нови директни авиолинии, меѓу кои и поврзаност со Италија, што ќе ја олесни комуникацијата и патувањето за граѓаните.
„Веќе за јужна Италија се отворија линиите за Наполи и за Бари од Скопје, а за северна Италија во април стартува директна линија Охрид-Милано“, рече Николоски.
Тој посочи дека економскиот развој е клучна цел, а инфраструктурата е двигателот за него.
„Давам лично ветување дека ќе го помагам Онер како иден градоначалник. Ние тоа веќе го правиме моментот кога е вршител на должноста, имавме еден доста сериозен состанок во Министерството за транспорт и ќе го продолжиме да го правиме тоа и бројни проекти ќе реализираме заедно“, додаде Николоски.
