Владата е рамноправен партнер на домашните компании кои инвестираат во зелена транзиција на државата и придонесуваат кон енергетската независност, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски на отворањето на новите капацитети за производство на електрична и топлинска енергија на компанијата Теса Енерџи во Скопје.

Ова е многу значајно затоа што домашни компании покажуваат дека можат да бидат во чекор со најголемите светски трендови. Би сакал да му честитам на инвеститорот Ајри Шеј кој навистина направи еден храбар чекор да покаже како може да се инвестира со домашен капитал. Се надевам дека нема да застане тука и дека ќе има и нови инвестиции и дека ќе гледаме и нови постројки, а ние како Министерство за транспорт ќе продолжиме да ги поддржуваме овие инвестиции и во најбрз можен период да ги завршуваме сите административни процедури, како и можност да имаме уште повеќе вакви инвестиции, затоа што зелената транзиција е она што ѝ е потребно на државата. Секако, оваа инвестиција ќе придонесе и да се намали загадувањето во рамки на градот Скопје, што паралелно со останатите проекти коишто ги правиме за градот Скопје — како што е воведувањето на градски воз, како што е набавката на нови електрични автобуси — секако дека многу ќе придонесе во намалувањето на загадувањето” – истакна Николоски.

Тој додаде дека оваа е една од многу инвестиции кои се промовирани овие денови и кои придонесуваат за економски развој на државата.

“Имаме след од неколку дена на инвестиции коишто се инвестиции на 21-от век — дали се работи за ветерен парк, дали се работи за практично нов аеродром или се работи за оваа когенеративна централа. И додека едни се против дата-центри и да останеме или да се вратиме во 19-тиот век, ние храбро грабиме во 21-от век, и Владата предводена од премиерот Мицкоски има јасна визија каде треба да движи државата, а тоа е во насоката којашто ја гледаме и денес”- додаде заменик претседателот на Владата, Николоски.