Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска од митингот во Демир Капија се осврна на претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски за кој рече дека на ниеден начин не може да биде амнестиран за состојбите во Македонија и големиот криминал на власта на СДСМ и ДУИ, туку дека тој можеби е и мозокот на многу повеќе операции од тоа што јавноста го знае, глумејќи наивен и скромен, глумејќи човек кој што нема допирна точка со тоа што се случува во владата, во суштина, можеби е креатор на поголем дел од работите кои што се случуваат.
-Стево Пендаровски е тој што ги злоупотребува институциите кој што се под него за нелегално да го следат ВМРО-ДПМНЕ, за да прават спинови и монтажи на ВМРО-ДПМНЕ. И најбитното, кампањата на Стево Пендаровски е финансирана од крадени пари и тој многу добро тоа го знае и за тоа ќе одговара, најпрво со вашиот глас, а после тоа и со работата на институциите, рече Николоски.
Пред присутните, Николоски истакна дека реалноста денес во Македонија е тажна и дека таа ја знаат сите и ја чувствуваме во сите населени места во општина Демир Капија, нивите остануваат празни, земјата се пусти, куќите се затворени, а луѓето си одат.
„Повеќе луѓе можете да видите од Демир Капија во Швајцарија, во Австрија, во Германија, отколку што можете да видите тука. Тоа е тажната реалност после седум години владеење на СДСМ и на ДУИ, после седум години владеење на СДСМ и на ДУИ, неколку мина се екстремно богати, а народот е осиромашен. Неколку мина не одговараат за ништо, а народот си оди, неколку мина ја кројат судбината на Македонија и ја обезличуваат, а народот е безнадежен. И затоа мораме да ставиме крај на оваа работа“, рече Николоски.
„За да можат овие од СДСМ да крадат, а што е право, се утепаа од крадење, му дозволуваат на ДУИ да прави што сака со Македонија. Еден од примерите за големиот криминал е недалеку од тука, каде што здружно и СДСМ и ДУИ крадеа на сметка на македонскиот народ. Тоа е ТЕЦ Неготино, каде се случи еден од најголемите криминали на СДСМ и ДУИ“, истакна Николоски повикувајќи ги граѓаните масовно да излезат на 24 април и на 8 мај и да го дадат нивниот глас за ВМРО-ДПМНЕ.