Можам да кажам дека е јасно дека имаме исклучително штетен предлог кој директно задира во македонската самобитност, во македонската култура, нација, јазик и историја, предлог кој целосно ги руши темелите на македонската држава и македонскиот народ, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за вестите на Канал 5 телевизија непосредно пред вечерашниот протест.
Николоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ излезе со став, а тоа е владата и Ковачевски да го отфрлат овој предлог затоа што е штетен и во него има најмалку 4 работи кои мора да бидат веднаш отфрлени.
– Првата се однесува на член 12 од Договорот за добрососедство или поедноставно кажано сите работи со кои Бугарија може да ја уценува Македонија во делот на историјата. Тука влегува и делот кој бара промена на Уставот пред воопшто да почне Македонија да преговара, влегува и делот кој се однесува на ревизија на учебниците и делот според кој согласно годишните извештаи кои Бугарија ќе ги подготвува за дали Македонија ги исполнува бугарските барања, може да бе блокира во ЕУ, рече Николоски.
Како што појасни Николоски, првата работа која ја бараат Македонија да ја направи е да се случат промени во целокупната историја и образование. Втората работа е во делот на Уставот, трета е промена на учебниците и четвртата работа е Македонија да биде континуирано блокирана доколку не постапува согласно барањата на Бугарија.
– Во замена за ова доколку се спремни владата и Ковачевски да го отфрлат овој предлог и на тој начин да ги заштитат македонските национални интереси, ние сме спремни да се откажеме од барање за предвремени избори, зимата да направиме се да помине што полесно во делот со енергетска криза и делот со храна и на пролет да направиме проценка на состојбите. Нашата понуда е многу едноставна да се отфрли францускиот предлог, затоа што во моментов тој предлог удира во темелите на Македонија и македонскиот народ, а доколку владата не го направи тоа ние ќе бидеме тука на протести, затоа што мора да кажеме НЕ на уцените. Ние вечерва ќе бидеме тука во 19 часот и ги повикуваме граѓаните да ни се приклучат, истакна Николоски.
Тој потенцираше дека мора да се одбие овој предлог и да се заштитат македонските национални интереси.
– Она што ме радува има силни реакци од цела држава и не само од членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, туку од бројни граѓани и има луѓе кои во минатото гласале и биле дел од СДСМ и тоа е доказ дека Македонија е обединета против овој предлог. За нас македонските национални интереси се на прво место, изјави Николоски.