Николоски најави дека до крајот на септември ќе биде избран Изведувач за Скопје-Блаце, а изградбата ќе трае 2,5 години.

Изминативе 9 месеци засилено работиме со Европската Банка за Обнова и Развој на постапките за доизградба на автопатот Скопје-Блаце. Имаме фиксен рок до 30 септември да избереме Изведувач за изградба и откако ќе почне изградбата за две и пол години да го изградиме автопатот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во интервју во емисијата “Јади бурек”

“На Блаце работиме со ЕБОР. За македонски услови тие работат бавно, за нормални развиени држави работат нормално бидејќи таму не можат да се случат изненадувања како тука, бидејќи таму подготвителниот период е долг, ама кога ќе се влезе нема назад.

Со нив работевме 9 месеци подготвителен период и во моментов понудувачите треба да дадат финансиски понуди. Кај нив тендерите се поделени, прво прават квалификација дали понудувачите ги исполнуваат потребните услови и само тие кои ги исполнуваат техничките услови можат да дадат финансиска понуда затоа што во нашиот случај за јавни набавки се случува ултра неквалитетна фирма да даде ниска цена, вие ја одбивате бидејќи е неквалитетна и Ви се случува да излезат во јавност и да велат не одбивте а понудивме најниска цена.

Со ЕБОР нема вакви работи, прво велат дали технички ги исполнувате условите, се прави селекција и тие фирми што ги исполнуваат условите се поканети да дадат финансиска понуда. На 30 септември треба да имаме избран Изведувач, а кога работите со ЕБОР имаме фиксни рокови, за 2,5 години е рокот на завршување на автопатот”- истакна вицепремиерот Николоски .