-На Македонија и се случува мек напад, каде што ние уште ноември 2019-та година после т.н. позиција на бугарското национално Собрание до денес имаме една агресивна бугарска политика која што директно удира во темелите на македонската држава и македонскиот народ. Што не е изненадување. Тие таа политика ја имаат веќе 150 години од основањето на бугарската држава, но ја гледаме поагресивна во изминатите години. И можеби ова што се случува во Украина треба да е еден поттик малку посериозно да ги поставиме нашите позиции“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во „Утрински Брифинг“.

Николоски додаде дека руско влијание во Бугарија има континуирано.

-Тргнете од јазикот кој што неколку пати е кодифициран, после Втората Светска војна. Што значи дека теоретски бугарскиот јазик е помлад од македонскиот јазик ако сакаме да одиме во тој тип на апсурди. Неговата последна кодификација е практично русификација на јазикот. Но, тоа е помалиот дел. Но, ако гледаме историски секогаш Русија, дали е тоа Царска Русија, дали е Советска Русија, бирала партнери на Балканот кои што не се во Скопје, не се во Македонија туку се или во Софија или Белград, понекогаш и во Атина. Не, смее да се потцени тоа влијание во Бугарија, гледаме што се случува со поранешниот премиер актуелен министер за одбрана на Бугарија и неговите ставови и како претседателот Радев излегува да го брани, рече Николоски.

Николоски укажа дека е потребна поголема обединетост на Македонците и македонските политичари.

-Нашиот став кој што го искажувавме пред месец ипол – два и континуирано од тогаш го кажуваме мислам дека не се фати сериозно, а тоа е дека доколку Бугарија бара гаранции, тогаш мора и ние да бараме гаранции во однос на Бугарија. И мора да добиеме цврсти гаранции за самобитноста на македонскиот јазик и македонскиот народ, нагласи Николоски.

Николоски посочи дека Македонија мора да добие цврсти гаранции во однос со спорот со Бугарија.

-И конечно мора да се престане да се користи процесот на евроинтеграции за дневно политички цели. Мислам дека процесот на евроинтеграции е најзлоупотребуван процес во Македонија, и секогаш кога шкрипи на Владата се користи процесот на евроинтеграција или да се предизвикаат предвремени избори во едно не такво далечно минато, или да не се оди на избори сега. И имаме смешни ситуации од типот на Кастриот Реџепи, влегувањето на Атернатива во Влада, и мислам дека таа реторика треба да се напушти, истакна Николоски.