Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет, Александар Николоски, на вечерашниот митинг во општина Могила најави нов бран на инфраструктурни инвестиции.
-Во текот на овој месец, доколку временските услови дозволат, започнуваме со целосна реконструкција на улица АСНОМ во должина од 420 метри, инвестиција вредна 170 илјади евра, истакна Николоски.
Тој посочи дека веќе се во тек активности за подобрување на водоснабдувањето во неколку населени места – Беранци, Долно Српци, Ивањевци, Попадјевци, Лозанци и Новоселани – кои ќе бидат приклучени на регионалниот водовод Битола, инвестиција вредна 18 милиони денари.
Дополнително, потпишани се договори за изградба и реконструкција на повеќе улици во општината. Меѓу нив е улица „Пелагонија“ со инвестиција од 12,3 милиони денари и изградба на атмосферска канализација, како и реконструкцијата на улица „Гоце Делчев“ со проект вреден 8,1 милион денари.
Николоски најави и рехабилитација на патот Долно Српци – Беранци, со инвестиција од 5,4 милиони денари.
-Ќе продолжиме со бројни други проекти кои се доказ дека сакаме да инвестираме и да работиме за граѓаните на Могила, порача Николоски.
А доказ за тоа се завршените улици во село Трновци, завршената реконструкција на улицата „Шемница“ и бројни други завршени проекти кои што заедно со градоначалникот ги работевме и ќе ги работиме, рече Николоски во своето обраќање.
За да ги реализираме сите проекти што ги најавивме, потребна е соработка меѓу градоначалникот и Советот. Потребно е мнозинство и градоначалник кој ќе работи заедно со нас. Деновиве кружат разни муабети од поранешни кандидати кои се претставуваат како независни, а велат дека се од ВМРО-ДПМНЕ и дека партијата ќе соработува со нив. Тоа е лага и манипулација. Ве повикувам да ги информирате сите да не подлегнуваат на тие обиди за заблуда, потенцираше Николоски.
Тој додаде дека „Драганчо беше и ќе остане градоначалник“ и ги повика граѓаните на 19 октомври масовно да го поддржат број 9 – и за советничката листа и за кандидатот за градоначалник.
-На 20 октомври да продолжиме заедно да ги реализираме проектите и да славиме победа, порача Николоски.