Ослободување од визи за 80% од граѓаните

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вечерва изјави дека се водат сериозни разговори со Велика Британија за ослободување од визи за три категории македонски граѓани. Изјавата беше дадена за телевизија Канал 5, при што тој појасни дека овие три категории би опфатиле околу 80 проценти од вкупната популација.

„Многу сериозно разговараме за најмалку три категории да бидат ослободени од визи и тие три категории ќе се покријат околу 80 проценти. Сè уште разговараме“, изјави Николоски.

Разговорите се воделе за време на неговиот престој во Лондон, каде што темата за визна либерализација била дел од официјалната агенда.

Нема договор за мигранти

Во врска со потпишаниот договор со Велика Британија и можноста за евентуално отворање на прашањето за мигрантите, Николоски истакна дека тоа не е поврзано со разговорите за визите.

„Нашиот став во однос на мигрантите е јасен и јасно ја кажавме нашата позиција. Не гледам дека тука нешто би се променило“, нагласи Николоски.

Според него, договорот со Велика Британија и прашањето за мигрантите се целосно одделни теми, без меѓусебна условеност или поврзаност.