Во Скопје денеска започна Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа. На неа, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски порача дека безбедноста на патиштата е заедничка одговорност. Активностите мора да бидат координирани, системски и во согласност со современите стандарди.

Николоски нагласи дека патната инфраструктура што се креира мора да биде безбедна по дизајн. Ова е со цел минимизирање на ризиците и обезбедување услови за сигурно движење за сите учесници во сообраќајот.

На конференцијата, министерот го истакна стратешкиот план на Министерството за транспорт за подобрување на безбедноста во сообраќајот. Посочи дека Националната транспортна стратегија 2018–2030 има амбициозна цел. Тоа е намалување на бројот на загинати лица на патиштата за 50 проценти до 2030 година.

Пренесено беше дека се унапредува националната регулатива за безбедни патишта преку измена на законски решенија. Се соработува со општините за развој на локални проекти и дека е изработен Правилник за велосипедска инфраструктура. Николоски најави дека следната година на Коридор 10 треба да се примени Интелигентен транспортен систем. За него тендерот веќе завршува. Сличен систем се развива и за Коридор 8.

„Сето ова бара многу време, посветеност и финансии, но најважно од се е координација и пред се подобрување на културата кај граѓаните. Се соочуваме со феномен со кој сите се за почитување на законот се додека законот не се однесува на нив“, рече Николоски.

Тој апелираше сите да се насочат кон долгорочни цели и истакна дека спасувањето на човечките животи нема цена.

Конференцијата продолжува со обраќања на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и директорот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Горан Ангеловски.