Прашан за очекувањата од локалните избори тој рече дека очекува убедлива победа, „ултра мега“
Најголем дел од парите од Договорот со Британија ќе бидат наменети за пругата, железницата и за коридорите. Брзата пруга од Табановце до Гевгелија откако ќе почне да се гради треба да биде готова за пет години, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Рече и дека очекува уверена победа на избори.
Првите ефекти од пругата ќе се видат побрзо, на пример делот од пругата Велес – Скопје ќе се изгради побрзо, но во целата должина пругата ќе биде готова за пет години, вели Николоски во гостување во емисијата на Јанко Илковски на ТВ Сонце.
Во однос на туризмот и зголемениот број авио линии, Николоски изјави дека резултатите од тоа се веќе видливи и само во мај во однос на истиот месец лани земјава ја посетиле 101 илјада туристи повеќе, каде најпосетено е Скопје.
Откако сме избрани, 11 нови дестинации има од Скопскиот и Охридскиот аеродром. Само во мај има 101 илјада туристи повеќе од мај лани. Туризмот расте со најголемо темпо во државава, 20 проценти раст имаме во споредба со лани и раст број еден за туризмот во Скопје, а Охрид е број 2. За мене тоа е логично, затоа што начинот на туризмот се менува, повеќето луѓе патуваат да ги видат големите центри, а ние сега го имаме Скопје на мапата, вели Николоски.
Прашан за очекувањата од локалните избори тој рече дека очекува убедлива победа.
Утре заминуваме во Гевгелија, се пушта т.н. западен булевар. Тоа е обиколница на Гевгелија, ветувана од време на комунизмот. Правиме реконструкција на се што е улица во Гевгелија и првпат се гради мост кога излегуваш на автопатот и кога влегуваш во Гевгелија. Луѓето го гледаат ова и нормално дека нам поддршката во Гевгелија ни е огромна. И за секој град има вакви проекти, вели Николоски.
Тој го посочи како пример и Кавадарци каде, вели, инвестира и градоначалникот Митко Јанчев и Министерството за транспорт.