Во рамки на Советот на Европа се одржува комисија за правни прашања и човекови права. Една од главните теми е злоупотребата на системите за преслушување како и нелегалното физичко следење. Се зборува за злоупотребата на преслушувањето со цел нелегално следење на политички активисти, опозициони лидери, новинари, активисти на невладини организации и сите оние кои што властите сметаат дека се закана за нивна тоталитарно власт, вели Александар Николоски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Николоски истакна дека на сесијата потенцирал дека ваква злоупотреба има и во Македонија од страна на власта на СДС, додавајќи дека веќе подолг временски период високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е под физичко следење како и следење на комуникациите.
Она што го напоменав во рамки на сесијата е дека ваква злоупотреба има и во Македонија. Веќе подолг временски период раководството на ВМРО-ДПМНЕ е под физичко следење, а исто така и под следење на комуникациите. За ова неколку пати алармиравме во јавноста, но не се преземени соодветни чекори, додаде тој.
Николоски смета дека преслушувањето мора да престане и власта наместо да ги злоупотребува тајните служби за ставање во подредена позиција опозицијата, да се насочи и фокусира кон демократското владеење.
На мое барање состојбата со злоупотребата на следењето во Македонија ќе биде внесена во извештајот кој што треба да биде усвоен во рамки на јануарската сесија на Советот на Европа. Извештајот предвидува јасни мерки и чекори кои што треба да ги преземат земјите членки во Советот на Европа, со цел да престане нелегалното преслушување. Исто така предвидени се и казнени мерки доколку земјите не ги имплементираат овие чекори, рече Николоски.
Преслушувањето мора да престане. Физичкото следење мора да престане, затоа што тоа не може да биде начин на кој се добиваат политички поени или начин на кој се става во подредена позиција опозицијата затоа што власта ги злоупотребува овие системи. Еднаш засекогаш властите во Македонија мора да стави крај на злоупотребата на тајните служби, крај на опиеноста од моќта на тајните служби и да се фокусираат кон демократско владеење, вели Николоски.