Охридскиот регион како светско културно и природно наследство, за нас има исклучителна универзална вредност, истакна вицепремиерот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со македонската делегација во Париз се сретна со Кондкер Мохамад Талха, претседател на 43-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО.

– Денеска со колегите министри, во седиштето на УНЕСКО во Париз, на средба со Кондкер Мохамад Талха, претседател на 43-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, ги презентиравме нашите силни заложби за зачувување на вредностите на Охридскиот регион. Нашата мисија е Охрид и охридското крајбрежје да го зачуваме како еден од најзначајните културно-историски простори во Европа и светот, напомена Николоски.

Покрај Николоски, во македонската делегација се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков; министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира.