-Во однос на ставовите на Стево Пендаровски мислам дека се дволични затоа што од една страна се силеше дека не треба да се прифати францускиот предлог кој што денеска од Софија кажаа дека е истиот и дека нема никакви промени во него, туку дека во Македонија само се продава од ПР аспект дека имало некакви промени. А, после тоа кога му ја свиткаа раката истиот Стево Пендаровски излезе и рече дека договорот е добар. И после тоа на кој Стево Пендаровски да му веруваме? На тој кој што велеше дека Ковачевски не треба да оди во Брисел, затоа што тоа што се нуди не е во ред или на тој кој што излезе пред две недели и рече дека ова треба да се прифати, појасни Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ денеска одговарајќи на новинарско прашање за ставовите на Стево Пендаровски поврзани со францускиот предлог.
Николоски додаде дека Пендаровски целосно го изгуби кредибилитетот. И поради огромната желба да добие втор мандат се улизува во СДСМ за да повторно го кандидираат. И поради сето тоа Пендаровски ги гази македонските национални интереси.
Во однос на прашањето за нотарските изјави на пратениците, Николоски нагласи дека се издржани и правни и дека власта нема да успее да го отвори Уставот. Но, затоа ветува дека ќе се случат брзи предвремени парламентарни избори.
-Прво, мислам дека е срамно што власта ги злоупотребува другите етнички заедници за да си оствари своја цел за бугаризација на Македонија ги злоупотребува и Хрватите, и Црногорците и Египјаните. Јас лично како пратеник сум предлагал пред некаде 10-тина години Египјаните да се дел од Уставот на пример. Така што ние немаме проблем со овие 3-4 колку и да се етнички заедници, ние имаме проблем со барањето Бугарите да влезат во Уставот затоа што ни Хрватите, ни Црногорците, а ни Египјаните не тврдат дека ние не сме тоа што сме, дека не го зборуваме јазикот кој што го зборуваме, дека немаме историја и немаме култура, тоа го тврдат Бугарите. И затоа е нашиот став таков каков што е. А, во однос на изјавите тие си се издржани, си се правни. Знам јас дека има проблем во јавноста блиска околу Владата затоа што планираат цела кампања во јавност за да создадат некаков немир меѓу народот дека повторно ќе успеат да најдат пратеници кои што би им гласале за промена на Уставот. Тоа нема да се случи! Но, ќе се случат брзи предвремени парламентарни избори, истакна Николоски.
-Пратениците изјавите ги потпишаа по свое уверување, рече Николоски.