Потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вечерва во емисијата „10 Минути“ на ТВ21 децидно истакна дека поддршка за промена на Уставот нема од ВМРО-ДПМНЕ, и нема ни да има.

„Нашиот став е многу јасен. Промена на Устав под овие околности нема, во рамки на овој парламентарен состав нема, затоа што ние кога се кандидиравме за пратеници во 2020 година нити ние, нити било кој друг пратеник ветуваше уставни измени. Дополнително власта нека си мисли, СДСМ и ДУИ нека си мислат што ќе прават затоа што прифатија договор со услов кој што не можат да го реализираат“, вели Николоски.