Предвремени избори се потребни поради најмалку две причини, едната е националното опустошување и втората е економското тонење кое и се случува на Македонија. Македонија е понижена национално, пред се македонскиот народ, а економски тоне секој ден, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, за вестите на Канал 5 телевизија, и ги повика сите граѓани да се приклучат на вечерашниот протест за да падне оваа ненародна власт на СДСМ и ДУИ.
Николоски истакна дека животниот стандард е се полош, цените растат, платите остануваат исти за оние кои можат да ги земат, за жал многумина не можат да стигнат до плата, тоа се две основни причини зошто партијата ги повикува сите граѓани да се приклучат на протестот.
– Очекуваме десетици илјади луѓе да застанат вечерва рамо до рамо со нас, десетици илјади веќе се тргнати кон Скопје, од Дебар до Делчево, од Охрид и Гевгелија до Куманово доаѓаат, голема поддршка ќе има од Скопје. Ги повикувам сите да ни се приклучат да ставиме крај на националното понижување и на економското опустошување, потенцираше Николоски.
Николоски нагласи дека можат да дојдат подобри денови, една компетентна способна и пред се чесна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ може да се спротивстави на обидите за национално бришење на македонскиот народ и може да донесе подобра економска политика и подобар животен стандард од ова што се случува сега.
– Во услови на економска и национална криза промените се потребни, премногу е. Вечерва ќе ни се приклучат бројни политички партии и партиите на помалите етнички заедници во Македонија ќе бидат вечерва со нас. Тука ќе се сите незадоволни од власта, со цел да ја срушиме владата. Во следниот период ќе имаме протестно лето преку кое ќе стигнеме до предвремени парламентарни избори, рече тој.
Во врска со францускиот предлог за спорот со Бугарија, Николоски посочи дека имаме неколку спорни работи, првата спорна е што тој предлог официјално владата го нема претставено пред македонската јавност, јасно е дека го знаеле со месеци.
– Второто спорно е ова е целосно фијаско на македонската дипломатија дозволува билатерални спорови да влезат во преговарачката рамка што ќе е прв пат во историјата на ЕУ ваква работа да се случи. Трета работа е што ова е целосно во корист на Бугарија се негира македонскиот јазик, македонската култура, историја и народ и значи газење на Македонците. Затоа е неприфатлив и повикувам владата да го отфрли. Доколку се постигне штетен договор, владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да го почитува, потенцираше Николоски.