Проектираниот дефицит, односно дупка во буџетот, односно колку владата на СДСМ и ДУИ ќе потрошат повеќе од тоа што ќе собере во текот на годината е 800 милиони евра. Само за 2023 година, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Јанко јади бурек“ на ТВ Сонце, потенцирајќи дека оваа влада создава околу 30% дупка во буџетот само за оваа година, ја пробива психолошката бариера од 60% на долг од БДП, а парите одат во криминал, корупција и купување социјален мир.

 

– Дефицит е колку владата на СДСМ и ДУИ ќе потроши повеќе од тоа што собира или народски кажано пуштање на нозете подолго од чергата. Или како едно семејство ако има вкупно приход од 60000 денари да троши 70.000 денари, значи 10.000 денари им недостигаат. Во семејство е невозможно бидејќи нема заем, но во држава е возможно затоа што државата може да се задолжува. За споредба автопатот од Скопје до Штип чинеше некаде околу 280 милиони евра, значи скоро 3 автопати фрлени во вода, а автопатот Кичево Охрид чини околу 600 милиони евра. Значи само дупката во буџет е 1,5 до 3 автопати само годинава, рече Николоски.

 

Тој истакна дека тоа не е се, задолжувањето кое планираат да го направат, кредити за кои ќе се плаќаат кредити и кои нема тие да ги плаќаат туку идните генерации и владата на ВМРО-ДПМНЕ, е 1 милијарда и 600 милиони.

 

– Значи планираат да земат дупло повеќе од тоа што прават дупка. Тоа значи дека и овие пари кои викаат дека ќе ги приберат, ги земаат како кредит, што значи дека дупката е 1 милијарда и 600 милиони односно на буџет од 5,2 милијарди евра, тоа е околу 30% дупка во буџет, истакна тој.

 

Николоски направи споредба со двете влади на ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека оваа влада само за една година ќе направи многу поголем долг од 11 години до 2002 година или повеќе од тој во 2008.

 

– Последната година од владата на ВМРО-ДПМНЕ од првиот мандат е 2002 година после војна во Србија, косовски бегалци кои тука дојдоа и војна во 2001 во Македонија. Вкупниот долг во 2002 година за сите години од 1991 дотогаш за 11 години е 1 милијарда и 500 милиони што значи е помал од долгот кој тие ќе го направат за една година. Понатаму, во 2008 се случи светска економска криза, најголема во историјата во светот, вкупниот долг во 2008 е 1 милијарда и 300 милиони, значи за 17 години, Македонија должи само 1 милијарда и 300 милиони, што значи споредено со 2002, 200 милиони се раздолжила владата на ВМРО-ДПМНЕ или 23% од БДП. Денес само за една година ќе земат повеќе од тоа што во 2008 бил вкупен државен долг, изјави Николоски.

 

Николоски додаде дека вкупниот долг ќе достигне 7,7 милијарди евра, што значи дека споредено со 2008 е зголемен за 6,4 милијарди евра.

 

– Се пробива психолошката бариера од 60% од БДП и најважно во двете влади на ВМРО-ДПМНЕ се градеше, а сега со овој долг ништо не се гради. Каде се парите? Парите ги јаде криминалот и корупцијата и второто за купување на социјален мир. Кога парите не ги трошите во градење, туку суво ги плаќате тие не се вртат во државата и ги снемува, кога ги пуштате во градежништво во бизнис се врат до 10 пати, рече Николоски.