Заев претходно и сега Ковачевски и СДСМ се спремни да поднесат секакво понижување од Бугарија само за да останат на власт и да добијат датум за почеток на преговори со ЕУ затоа што се надеваат дека на тој начин народот ќе заборави на корупцијата и лошото владеење на економија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител телевизија во врска со отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михалов“ во Битола.
Николоски истакна дека јавноста е неподелена, се работи за една личност која што на ниеден начин не може да спојува туку личност која што провоцира и може да прави поделби помеѓу Македонија и Бугарија и затоа неспорни се реакциите на јавноста.
– Не е случајно избрано тоа име, се работи за име кое што треба да направи провокација, д аги повреди чувствата на Македонците и да создаде тензии. Мене ми е жал што премиерот Петков кој се декларира како модерен политичар, успеа да тргне по умот на маргиналци во Македонија и кои успеаја да го земат во Битола и да го навредува целокупниот македонски народ, рече Николоски.
Тој нагласи дека Бугарите имаат право да се здружуваат и организираат, за разлика од Бугарија која не им дава права Македонците, но можеа да изберат посоодветно име, ако беше навистина културен клуб можеа да го изберат името на поетот Пеју Јаворов, кој бил во четите на Гоце и Јане и биограф на Гоце Делчев, а понатака пријател на Тодор Александров, а една од неговите песни „Ден денувам“ е посветена на Гоце Делчев.
– Но, кога ставате име како Ванчо Михајлов, кој јасно ги раздвојува двата народи тоа е ништо освен провокација и понижување кое се случи на јавна сцена и кое за жал ниту премиерот Ковачевски ниту владата соодветно реагираа. Мене ми е јасно дека и Заев претходно и сега Ковачевски и СДСМ се спремни да поднесат секакво понижување само за да добијат датум за почеток на преговори со ЕУ затоа што се надеваат дека на тој начин народот ќе заборави и ќе им прости за целиот криминал и за целото лошо водење на економијата и за сиромаштијата. Но датумот не доаѓа пред се заради корупцијата, потенцира Николоски.
Тој истакна дека нема сериозен притисок врз Бугарија затоа што поголемиот дел развиени земји не се убедени дека заслужуваме датум и затоа Бугарија го прави ова што го прави, а од друга страна Заев претходно и Ковачевски ја виткаат кичмата.
– Клучно прашање е кога доаѓа премиер и потпретседател на држава тие официјално се најавуваат, а кога се најавуваат тие ја кажуваат целта на посетата затоа што ги следи државен протокол и обезбедување. Јас не би му дозволил да влезе кога би видел за каква цел влегува. СДСМ и ДУИ дозволија обезбедува и пари да бидат потрошени за провоцирање на македонскиот народ, нагласи Николоски.
Николоски ја повика власта да се донесе Декларација во која ќе се осуди поддршката на профашистички поддржувачи од страна на Петков.