Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски утрово гостуваше во утринската програма на Радио Лидер каде потсети дека минатата година во Македонија имаше 21 отсто раст во градежништвото. Според министерот, растот се должи на капиталните проекти. Тој напомена дека во текот на ланската година имало и опаѓање на цените во градежништвото.
Апел до граѓаните за внимателно купување станови – се создава балон во градежништвото
Сепак, министерот Николоски вели дека е загрижен дека се создава балон во градежништвото.
„Загрижен сум дека се создава еден балон во градежништвото. Ги замолувам граѓаните да не купуваат станови без да можат да ги видат со голо око, односно да не купуваат станови со т.н. прибелешка во имотен лист, туку да купуваат станови во објекти кои веќе имаат добиено употребна дозвола. Страв ми е дека овој балон може да пукне и бројни објекти може да останат незавршени. Затоа апелирам до граѓаните да бидат многу внимателни кога решаваат да купуваат недвижности. Наједноставниот совет е да бараат од инвеститорот потребна дозвола и за истиот општината да има дадена потребна дозвола“, рече Николоски.
Сомнеж околу високите цени по квадрат
Тој се осврна и на високите цени по квадрат во Скпоје.
„Досега немам запознаено човек кој платил стан од 2500 или 3000 евра квадрат, а такви податоци има. Оттука повторно ме води кон грижата дека се работи за балон. Некако сите добиваат по 30 или 40 отсто попуст од таа официјална цена“, рече министерот Николоски.
Министерот рече дека очекува цените да одат надолу.
„Минатата година имавме статистички опаѓање на цените во градежништвото што директно влијае на дел од договорите“, рече Николоски.
