Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, изјави дека авиосообраќајот во Македонија бележи значителен раст, посочувајќи дека бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром веќе достигнал околу три милиони, а до крајот на годинава постои можност да се стигне и до четири милиони патници.

Николоски рече дека растот, според него, не е случаен и дека една од главните причини е политиката на субвенционирање на авиолиниите, која била креирана во есента 2024 година, а почнала да се применува од 2025 година.

„Ние растеме и ова не е случајно. Точно е дека имаме соработка со концесионерот, но и дека тој беше концесионер и пред 2024 година. Причината зошто расте авиосообраќајот е една паметна политика на субвенционирање која ја создадовме есента 2024 година и почна 2025 година да се применува и ги даде резултатите“, рече Николоски.

Тој посочи дека растот се забележува од месец во месец, при што во јули двата аеродроми заедно бележеле раст од 22 отсто во споредба со истиот месец минатата година, додека во август растот бил 31 отсто.

Според Николоски, кога актуелната власт била избрана во 2024 година, вкупниот број на патници на двата аеродроми бил околу 2,4 милиони годишно. Тој тогаш очекувал до истекот на првиот мандат на Владата бројката да достигне меѓу 3,2 и 3,3 милиони патници.

„Веќе стигнавме за една година на три милиони патници и оваа година е само прашање на среќа дали ќе стигнеме до четири милиони патници“, изјави вицепремиерот.

Тој посочи дека Македонија, со околу 1,8 милиони жители, би можела веќе годинава да има четири милиони патници на двата аеродроми – скопскиот и охридскиот, а според него, следната година тоа би било сигурно.

Николоски во интервјуто се осврна и на снабдувањето со керозин, посочувајќи дека Македонија целосно го снабдува приштинскиот аеродром, како и голем дел од потребите на нишкиот аеродром.

Како една од политиките на актуелната Влада тој го наведе повторното ставање во функција на продуктоводот меѓу Солун и Скопје. Според Николоски, продуктоводот главно се користи за транспорт на дизел, што овозможило дел од железничките капацитети да се ослободат за транспорт на други нафтени деривати.

„Тоа што дизелот се префрли на продуктоводот значи ние имаме најниски цени на бензин и гориво во целиот регион, но исто така остави слободни композиции за останатото гориво, така што имаме простор по поевтини цени да носиме нафтени деривати“, рече Николоски.

Тој додаде дека Македонија располага со доволно керозин за да ги снабдува и аеродромите во регионот.

Николоски посочи и дека скопскиот аеродром е третата најголема база на „Визер“, а авионите на оваа компанија кои преноќуваат во Скопје се од поновата генерација „Ербас А321 нео“.

„На скопскиот аеродром е третата најголема база на Визер и сите нивни авиони кои преноќуваат на скопскиот аеродром се најновите Ербаси А321 нео кои најмалку загадуваат“, изјави тој.

Според Николоски, во тек се преговори за дополнителен авион во базата во Скопје, со што бројот би се зголемил на осум авиони, а се разгледува можноста и во Охрид да биде базиран најмалку уште еден авион.

Како дополнителен показател за растот, тој го посочи бројот на патници на охридскиот аеродром, кој годинава очекува да биде меѓу 350.000 и 400.000.

„Оваа година Охрид е меѓу 350 и 400 илјади патници со многу голема шанса да го замени нишкиот аеродром“, рече Николоски.

Во однос на откажаните или суспендирани авиолинии, Николоски појасни дека дел од одлуките не зависат од македонските институции.

За линијата Скопје–Франкфурт на „Луфтханза“, тој рече дека компанијата ја суспендирала линијата поради недостиг на пилоти и дека таа линија не била субвенционирана.

Во однос на линијата Скопје–Орли, Николоски посочи дека од почеток било договорено таа да сообраќа во летниот период, додека и линијата Скопје–Варшава е дел од летниот ред на летање и не добива субвенции.

Тој се осврна и на линијата Скопје–Ларнака, која, како што рече, повторно ќе биде активна. Нејзиното откажување го поврза со кризата во Заливот и воените активности против Иран, поради што, според него, бил суспендиран голем дел од воздушниот сообраќај во регионот.

„Ние сме отворени за сите авиокомпании, не само за Визер. За мене е најзначајно да е од корист за граѓаните“, порача Николоски.

Тој во интервјуто најави и нова авиолинија меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати, односно директна линија до Дубаи со „Флајдубаи“.

Николоски оцени дека Дубаи претставува значајна дестинација и за македонскиот бизнис и за туризмот.

„Дубаи е одлична дестинација. Голем дел од европскиот бизнис се сели во Емиратите, оние големи саеми за производители се одржуваат таму, што многу ќе значи и за македонските производители“, рече Николоски.

Според него, директната авиолинија би можела да придонесе и за зголемување на бројот на туристи од Обединетите Арапски Емирати во Македонија.

„Од друга страна очекуваме сè повеќе туристи од ОАЕ во Охрид и во Скопје, така што ова е одлична дестинација“, додаде Николоски.