Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, Александар Николоски вели дека не е изненаден од тоа што владата ги одбива барањата на СОНК за покачување на платите иако наставниот кадар е веќе четврти ден во штрајк и училиштата и градинките се празни, со образложение дека нема пари а од друга страна, склучуваат милионски договори во четири очи.
За време на неговата посета на општина Василево, одговарајќи на новинарски прашања Николоски истакна дека наставниот кадар и воопшто, вработените во градинките и училиштата се во право затоа што нивните плати се под секое достоинство и истите треба да им се зголемат.
-Би рекол дека не сум изненаден, мислам дека штрајкот е оправдан, сметам дека она што го бараат вработените во градинките, во основните и во средните училишта, она што го бараат воспитувачките, она што го бараат учителите и учителките, наставниците и наставничките, професорите и професорките и сите вработени во градинките, во основните, во средните училишта, во високото образование. Секако тука спаѓаат и оние кои што се во дејностите поврзани со нив е оправдано. Затоа што навистина платите сега се под секакво достоинство и под секакво нормално ниво и треба да бидат зголемени, истакна Николоски.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ има концепт за зголемување на платите на наставниот кадар кој ќе значи многу подобар квалитет на нивниот живот и дека истото решение ќе го поднесат во македонското Собрание.
Николоски посочи дека власта на СДСМ и ДУИ нема слух за барањата на просветните работници и дека единствено што знаат е да вршат притисоци и да уценуваат, нешто што го правата изминатиот период.
-ВМРО-ДПМНЕ има свој концепт за зголемување на платите кои што ќе значи многу подобар квалитет на животот на наставниот кадар и веќе едно такво решение ќе поднесеме во Собранието на Република Македонија. Од односот на власта на СДСМ и ДУИ не сум изненаден. Единствено што знаат е да прават притисоци, да прават уцени и тоа го прават изминатиот период и велат дека нема пари, а тоа не е точно. Гледаме дека има пари за договор во четири очи кој што го склучил Мухамед Зеќири, имаше пари за договорите кои ги склучуваше Драги Рашковски, но нема пари за повисоки плати за наставниците и за вработените во образованието. Затоа штрајкот е оправдан, ние го поддржуваме и сметаме дека треба да се исполнат барањата на СОНК, рече Николоски.