Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски вечерва соопшти дека следната недела во Лондон ќе се потпише Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, по принцип Влада со Влада и образложи кога Македонија може да ги очекува првичните бенефити од ваквото партнерство.

“Следната недела ќе патувам за Лондон и ќе ја имам таа чест во името на Владата на Македонија, да го потпишам договорот со Владата на Велика Британија, тоа е договор Влада со Влада, договор кој што ги утврдува овие полиња на економска соработка и оваа рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарди евра, кој што се ставаат на располагање на Македонија. Со мене ќе има и други министри од Владата, така што очекувам деновиве да излеземе со детали, но веќе е дефинирано дека посетата ќе биде следната недела и таму ќе имаме средби на највисоко ниво. Еве можам да кажам еден куриозитет кој што мислам дека многу говори за симболиката, знаете во големите држави симболиката многу значи. Најавено е дека потпишувањето ќе биде во кабинетот, кој што Винстон Черчил го користел во Втората светска војна, што мислам дека многу говори за симболиката да ја дадат од Велика Британија, да се потпише во кабинетот на историската личност број еден во Велика Британија”, истакна вицепремиерот Николоски.

Николоски детално образложи како ќе се одвива постапката по потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство се до ратификувањето на поединечните договори и почетокот на работите на терен.

“Нашиот календар е следен, следната недела да се потпише договорот влада со влада. После тој треба да биде ратификуван од страна на македонската Влада и македонското Собрание, како и од страна на британската влада, таму е поедноставна процедурата. После тоа, врз основа на овој договор да почнеме да ги конкретизираме и да ги пишуваме договорите за брзата пруга, за болниците и за финансиската компонента. Истите потоа да бидат презентирани пред Владата и пред Собранието, и еве да не е преамбициозно, но очекувам дека до крајот на летото, не подоцна од крајот на август, се ова да биде ефективно, да имаме мобилизација во месеците септември, октомври, и да ги видиме машини на терен доколку не’ послужи времето на крајот од октомври и почетокот на ноември”, додаде вицепремиерот Николоски.